Љубомир Михајловски-Џанго е новиот претседател на Адвокатската комора

Љубомир Михајловски- Џанго е избран за нов претседател на Адвокатската комора, а за негови заменици изгласани се Јелена Ристиќ и Бесим Реџепи. Адвокатската комора на Македонија вчера на 63-тото годишно собрание кое се одржа во Струга доби и нов Управен одбор.

Љубомир Михајловски е поранешен министер за внатрешни работи во периодот од 2004 до 2006 година, а на функцијата претседател на АКРМ доаѓа на местото на Никола Додевски.Додевски, беше три пати избиран за претседател на АКРМ и ја предводеше комората 5 и пол години.

Мојата првенствена заложба е да ја држам адвокатурата и Комората подалеку од политиката. Потоа, да се зајакне квалитетот на адвокатурата преку создавање на законски решенија во интерес на адвокатитите и граѓаните, како и во однос на еднаквата положба на адвокатите во постапките. Во таа смисла, моја заложба ќе биде и учеството на адвокатите во подготовката на прописите бидејќи во таа насока од клучно значење се нивните мислења, предлози и сугестии како бранители на човековите права. Исто така, во работата на АКРМ акцент ќе биде ставен и на континуираната едукација на адвокатите, како и на меѓународната и регионалната соработка на АКРМ. Од големо значење во понатамошниот период е и да се обезбедат подобри услови за работата на Комората, изјави Михајловски за „Академик“.