Мајски оперски вечери стартуваат со „Боеми“

Фестивалот „Мајски оперски вечери“ се одржува по 46. пат од 9 до 31 мај, а годинава уметничкото водство на куќата се определи за поделба на програмата до два дела – официјална програма и оф програма со што ќе се понудат серија на настани.

Во пресрет на годинашните Мајски оперски вечери, Македонската опера и балет подготви прекрасни доживувања за љубителите на уметноста под мотото #Го славиме Пучини. По повод 160-годишнината од раѓањето на овој безвременски мајстор на операта, МОБ подготви програма од неговите најпопуларни дела („Боеми“, „Тоска“, „Турандот“), поддржани со гости солисти од целиот свет.

Во официјалната програма на Мајски оперски вечери 2018 се нудат пет оперски изведби („Боеми“ на 9 мај, „Тоска“ на 12 мај, „Турандот“ на 19 мај, „Змејот од Босна“ на 22 мај и „Аида“ на 31 мај), како и два гала концерта („Балетски бисери“ на 15 мај и „Пучини и Росини“ на 23 мај).

Во оф програмата се темастките изложби #retrOpera, ретроспективна изложба на Васе Урдин и „почетоци“, промоција на монографијата на Зина Креља и одбележување на јубилејот – 100 години од раѓање на Данка Фирфова.

Свеченото отворање на Мајските оперски вечери е во среда со почеток во 18 часот, по што следува официјалниот дел со премиерата на операта во четири чина „Боеми“ од Џакомо Пучини. Главните улоги ќе ги изведат Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова. Изведбата ќе биде под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија, додека режисер е Дејан Прошев, сценограф Зоран Николовски, а костимограф е Марија Пупучевска.

Режисерот Прошев на прес конференција изјави дека пробите течеле извонредно, а целата екипа се надева дека публиката на 8 мај беспрекорно ќе ужива во подготвеното.

Билетите за Мајските оперски вечери веќе се пуштени во продажба, а информации и резервации се приложени на официјалната интернет страница на МОБ.

Одделението за документација и историска архива подготви ретроспективна изложба по наслов #retrOperа која јавноста ќе има можност да ја види во период од 9 до 31 мај во фоајето на МОБ. Идејата е јавноста да може да ја види, осознае, запознае историјата на овој дом на операта и балетот, еволуцијата на идејата низ годините и улогата која ја игра и има театарот во заедницата.