
Двете Влади треба да преговараат за конечно да заврши овој тежок период за нас, но не смее да се преговара за идентитетските прашања, не треба да се прифати ерга омнес, ниту менување на Уставот, изјави во вечерашното вечерашното издание на емисијата „Само вистина“ претседателот на МАНУ, Таки Фити.
Ерга омнес, односно име за севкупна употреба никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација, рече Фити.
Фити додаде дека ако дојде до промена на уставното име и ако Грција настојува да се промени името на јазикот, националноста итн, тогаш МАНУ веќе нема да се вика како што се вика, ниту НБРМ или другите институции кои во своето име го содржат терминот македонски, македонска, Македонија.
Апсурдни се барањата на Грција за едно име со географска одредница па споено во едно име на англиски, а читање како што пишува, тоа е небулоза, смета првиот човек на МАНУ.
https://www.facebook.com/Kanal5Televizija/videos/1928724633834147/?t=0
Околу политичката криза Фити смета дека таа е зад нас, но вели дека најголеми виновници за неа се политичките партии, посебно двете најголеми партии и нивните лидерства, изминативе 27 години независност.
Фити го задржа ставот постигнат на претседателството на МАНУ на 20 март, дека секоја заедница има право да бара унапредување на јазичните права, но дека единствен интегрирачки фактор и натаму е македонскиот јазик.