Парите за работодавачите за субвенционирани вработувања без контрола?!

Средствата за субвенционирани вработувања ќе се префрлуваат одеднаш на работодавецот. Ова го предвидуваат новите мерки согласно кои се даваат субвенции на работодавачите за секое вработување. Досега работодавачот ги добиваше месечно овие средства за исплатени плати и придонеси што на некој начин беше гаранција за вработените лица.

На пример, ако се одјават лицата пред време, работодавачот ќе треба да враќа пари, објаснуваат познавачите на приликите, кои додаваат дека во спротивно ќе се активираат извршителите.

Оттука се поставува прашањето дали на мала врата се отвора простор за извршителите, или им се наоѓа работа? Дополнително, како Агенцијата за вработување ќе контролира дали парите ќе завршат кај лицата кои се вработуваат, односно како ќе контролира што работодавачот ќе прави со парите кои му се префрлаат одеднаш?

Затоа, велат упатените, кога станува збор за субвенционираните вработувања мора да се најде начин како да се постави контрола на средствата кои работодавачот, според сегашниот план, е предвидено средствата да ги добива одеднаш, а не како што беше претходно предвидено тоа да се прави месечно за исплатени плати и придонеси за вработеното лице.