Му го украл автомобилот, па му зел 2.000 евра за да не му го расклопи на делови

Полицијата уапсила скопјанец осомничен дека украл автомобил, па потоа го уценувал сопственикот за да му го врати, информираше МВР. Станува збор за В.П. (38) против кого полицијата поднесе кривична пријава за тешка кражба, како и за изнуда.

Според полицијата, кражбата се случила на 5 јануари годинава околу 16.15 часот на булеварот Партизански одреди во Скопје. Тогаш В.П. украл автомобил „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на З.Ц. (50) од Скопје, по што заминал во непознат правец. Потоа му се јавил на З.Ц. и му се заканил дека ќе го расклопи на делови автомобилот ако не му даде 2.000 евра.

Оштетениот се согласил да ги плати парите за да си го врати украденото возило. На 8 јануари З.Ц. заедно со неговиот пријател М.Р. (45) од Скопје се сретнале со крадецот, кој откако ги добил парите им кажал дека возилото ќе било донесено кај слаткарница во Стопански Двор.

Сопственикот си го зел „пасатот“, но го пријавил случајот во полицијата, која по преземени мерки и активности на 15 февруари го идентификувала и уапсила краадецот. Во полициска станица во Скопје, во присуство на Јавен обвинител, З.Ц. го препознал крадецот и посочил дека тој му го украл автомобилот.