
На трибината која се одржа вчера во Тетово, Заев не доби добредојде какво што можеби очекувал, откако тетовци со транспаренти го пречекаа на влезот на градот.
„Терористи за советници, бранители на споменици“ – пишуваше на транспаранетот поставен на влезот на Тетово.
По трибината во Тетово, Заев наводно заминал на тајна средба со соработници на Еди Рама, со кои се очекува да ги „испегла“ разликите во коалицијата со ДУИ.
Во своето обраќање пред присутните граѓани претседателот Заев потенцирал дека унапредувањето на состојбите во Македонија, отворањето на перспективите за членство во ЕУ и НАТО, градењето пријателство со соседите и другите земји се со цел да се подобри економијата и животниот стандард на граѓаните.
„Во последниве 11 месеци се надминаа поделбите внатре во општеството, но се унапреди и соработката и пријателството со соседите и со светот. Ако сте скарана држава со соседите, ако сте поделени како општество, не може да очекувате економски напредок, затоа е важно што земјата се врати на евроинтграцискиот пат. Членството во НАТО не значи само зголемена безбедност, туку тоа значи и нови инвестиции, нови работни места. НАТО значи повеќе пари, поголеми плати. Позитивната препорака за почеток за преговорите со ЕУ и членството во ЕУ не значат само зајакнати институции, владеење на правото, поголема слобода, туку и отворање на нови фондови и повеќе пари кај граѓаните. Се тоа значително ќе влијае на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Кога зборуваме за живот, мислиме на економскиот стандард на нашите граѓани“ порача Заев.