
23 годишно момче од скопско Арачиново, загинал во Сирија. Според информации од албанската новинска агенција СОТ, станува збор за Е. Исени, а веста за неговата смрт била добиена од неговото семејство, кое вели дека Исени, во 2014, на 19 годишна возраст заминал за Сирија, објави „Канал 5“.
Во информацијата не стои под која команда бил загинатиот скопјанец, а се додава дека во Сирија, се уште има голем број на Албанци кои војуваат на боиштата.
Според информации од МВР, околу 150 македонски државјани учествувале во војните во Сирија и Ирак, како припадници на паравоени формации. Од нив, досега, во земјава се вратени околу 80 лица, а 17 се осудени и во моментот издржуваат казна затвор.
Дел од нив заминале на боиштата во Блискиот Исток, од повеќе западно европски земји, каде престојувале откако заминале од Македонија. Генерално, нивните патишта до Сирија и Ирак, минуваат преку Турција, по копнен или воздушен пат.
Пред да заминат, лицата посетувале верски предавања на радикални имами, или презентации на социјалните мрежи, а неретко се регрутирале и со лични контаки, од кои добивале логистичка поддршка за нивно заминување и приклучување кон тамошните паравоени формации.