
Премиерот Зоран Заев нема да одговара за кривичното дело примање поткуп. Обвинотелката Валентина Бислимовска во завршните зборови на денешното рочиште за Поткуп рече дека од досега изведените докази и врз основа на сведочењето на Иван Николов, произлегува дека е неспорно дека ниту Николов дал пари, ниту Заев ги примил парите.
Затоа Обвинителството за организиран криминал претставувано од Бислимовска одлучи, кривичното дело примање поткуп да го преквалификува во кривично дело, каде што обвинетиот Заев побарал, а сведокот Николов само ветил само ќе му даде подарок на Заев. За ова кривично дело е предвидена казна затвор од 1 до 5 години.
Како што рече Бислимовска ова е нов обвинителен предлог, па со оглед на новонастаната ситуација одбраната на Заев побара и судот се согласи, на половна час пауза за да се донесе одлука.
Според обвинението во случајот „Поткуп“, премиерот Зоран Заев додека бил градоначалник на Струмица од бинисменот Никола Николов Сачевалиев побарал поткуп за продажба на земјиште во струмичко. 160 000 евра од продажбата на земјиштето требало да завршат во џебот на Заев, неговиот брат Вице а дел од парите да одат за изградба на црквата Успение на Пресвета Богородица во Струмица.
Главни докази на обвинителството беа сведочењето на Николов кој во текот на постапката рече дека Заев, како градоначалник на Струмица, прво му побарал 300 илјади па после 200 илјади евра за купување на 100.000 квадрати земјиште во Струмица како и тоа дека е точно дека го наведувал Заев да изговара реченици според инструкциите на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството за организиран криминал.
Друг доказ што во текот на судењето го изведе обвинителството беше тајната снимка што ја направил Николов во разговорите со Заев а мал дел од неа излезе и во јавноста на Јутјуб каналот.