Тајани: Македонија и Албанија треба да вложат многу напори за влез во ЕУ

Македонија и Албанија ќе треба да вложат многу напори за влез во Европската Унија, изјави претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, пренесе бугарската новинска агенција „Фокус“.

Запрашан за спорот за името помеѓу Македонија и Грција, Тајани одговори дека тоа не е во негова надлежност.

Во однос на Србија и за Црна Гора, за кои претходно изјави дека имаат најголеми шанси за влез во ЕУ од западнобалканската шесторка, Тајани на прес-конференцијата на самитот повторно ја изрази својата поддршка.

„Се сретнав со српскиот претседател Александар Вучиќ и ја истакнав мојата согласност со предлогот на Европската комисија, Србија и Црна Гора да станат членки на Унијата пред крајот на 2025 година“, изјави Тајани.

Тој рече дека доколку земјите од регионот сакаат да станат членки на ЕУ, мора да ги почитуваат нивните правила, а Унијата им стои на располагање во процесот на приближување.

Претседателот на ЕП предложи пакет за раст на земјите од Западен Балкан, вреден нови 10 милијарди евра инвестиции, наменети за инфраструктурата, патиштата и дигиталната мрежа.