
Европскиот суд за човекови права во Стразбур во предметот „Љатифи против Република Македонија“ утврди дека земјава ја повредила Европската конвенција за човекови права кога на бегалката од Косово ѝ ја прекинала меѓународната заштита поради тоа што наводно таа претставувала опасност за националната безбедност и ѝ наложилa да ја напушти земјава, информираат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП)
Судот нашол дека со ваквата одлука на Министерството за внатрешни работи државата ги повредила процедуралните гаранции во случај на протерување странци, гарантирани со членот 1 од Протоколот број 7 кон Конвенцијата што државата ја има ратификувано.
Во пресудата Европскиот суд за човекови права образложува дека МВР со општа констатација тврдело дека постојат класифицирани информации обезбедени од Управата за безбедност и контраразузнавање според кои жалителката претставувала опасност за безбедноста во државата, без да посочи соодветни индикации за релевантните факти што послужиле како основа за таа процена. Сепак, тие докази никогаш не биле изведени пред судовите ниту, пак, на жалителката ѝ била дадена можност да ги оспори.
Европскиот суд за човекови права при своето одлучување ја зел предвид редактираната верзија на документот од УБК што Владата го доставила и забележал дека не постоеле доволно детали за поддршка на наводите дека жалителката претставува опасност за безбедноста. Во согласност тоа, Судот во Стразбур утврдил дека правата на Љатифи се повредени, а одлуките што ги донеле македонските судови биле формални и без соодветно образложение, со што била сторена повреда на Конвенцијата.
Љатифи живее во Република Македонија од својата осумгодишна возраст, односно од 1999 година кога со своето семејство избегала од Косово поради конфликтот и побарала заштита во Македонија. Оваа пресуда има огромно значење како за неа така и за другите бегалци од Косово што живеат во Македонија, а на кои им е прекината меѓународната заштита.
Жалбата до Европскиот суд за човекови права беше поднесена на 1 април 2016 година од страна на застапникот на жалителката, адвокатот Александар Гоџо, во рамките на Групата за стратешко застапување предмети од областа на азилот, која е формирана и раководена од страна на Македонското здружение на млади правници, а поддржана од Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на ОН во Скопје.