ОЈО со нова истрага за лажна бременост против гинекологот од Скопје

Основното јавно обвинителство води истрага за уште еден случај во кој гинекологот Николче Дамчевски е обвинет од пациентка која ја лажел дека е бремена, дознава НОВА. Најверојатно станува збор за жена која долго време не можела да остане бремена, па помош побарала кај Дамчевски кој вршел вештачко оплодување.  Од ОЈО ја потврдија информацијата на НОВА, но повеќе детали за случајот не откриваат.

Во Основното јавно обвинителство Скопје се води уште eден предмет против лицето за кое покажувате интерес. Предметот се однесува на истородно кривично дело со она за кое лицето беше осудено со првостепена пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје. По предметот активно се постапува и се преземаат дејствија во насока на утврдување на фактите. Обвинителството во овој момент не е во можност да изнесе повеќе детали, велат од ОЈО.

Гинекологот Дамчевски пред четири дена беше осуден на ефективна затворска казна од 1 година и 6 месеци затвор и забрана за вршење дејност во траење од осум години.

Дамчевски пред судот ја призна вината и за двете дела, Тешки дела против здравјето на луѓето и Фалсификување на исправа.

Дамчевски на пациентката која долго време се обидувала да остане бремена и  презентирал состојба на лажна, симулирана бременост и покажувал слики од ЕХО од друго бебе и пуштал да го слуша отчукувањето на срцето на бебето, а всушност и пуштал да го слуша нејзиното срце.

Иако знаел дека не е бремена, вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат,  мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на бебето, на секој преглед детално ја објаснувал секоја снимка и правел скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање.

Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање на пациентката, кога таа се појавила со торба подготвена за чинот на раѓање,  прво на сопругот , а потоа и на оштетената ја открил вистината за лажната бременост.