
Ден по средбата на македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас, Владата во Скопје ниту демантира, ниту потврдува дали македонската страна го понудила предлогот „Република Илинденска Македонија“ како опција за решение во спорот со името, а во Атина медиумите го анализираат споменатиот предлог за решение за спорот за името, откако по средбата во четвртокот во Софија Заев изјави дека „нашле опција која може да биде прифатлива и за двете страни“.
Македонскиот премиер не откри за што точно станува збор, иако најави дека се работи за „комплетен пакет на решение“.
Од владината прес-служба во петокот само ја повторуваат вчерашната изјава на премиерот дека една од понудените опции може да биде прифатлива, како и дека за предлогот ќе следуваат внатрешни консултации со другите политички фактори.
„Нема да следат натамошни коментари за темата, бидејќи за текот на преговорите прво треба да бидат информирани Претседателот на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и другите лидери, што ќе се случи во скоро време“, соопштија од Владата.
Идентичен став за предлог решението има и владејачката партија СДСМ, од каде што изујавија дека Заев бил прецизен во својата изјава, но за детали од преговорите со Ципрас е неопходно да се запознаат и останатите политички партии како и шефот на државата.
Лидерска средба на која власта ќе ги информира за текот на преговорите очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозиската партија не сакаа ден по средбата Заев -Ципрас да коментираат шпекулации за понудениот предлог од македонска страна.
Предлогот за името кој циркулира во јавноста засега не го коментира ниту коалициониот партнер ДУИ. Али Ахмети на својот фејсбук профил објави дека „пристигнале добри вести“ од Софија што е „голем чекор“ на патот за евроатланските интеграции на државата.
Во меѓувреме од Кабинетот на Претседателот на РМ, сопштија дека шефот на државата Ѓорге Иванов по иницијатива на премиерот Зоран Заев ќе се сретнат во сабота при што ќе биде разговарано за преговорите во Софија.
Ден по средбата Заев – Ципрас спорот со името доминантна тема и во Грција. Грчките медиуми го анализираат предлогот „Република Илинденска Македонија“ за решение за спорот за името, откако по вчерашната средба во Софија на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, Заев кажа дека утврдиле една опција што може да биде прифатлива за двете страни. онлајн изданието на дневниот весник Ekathimerini пишува дека според нивни извори, Ципрас имал позитивно мислење за предлогот, но бил одбиен од министерот за надворешни работи Никос Коѕијас. Според владини извори на грчкото издание на CNN, предуслов за договор е името да биде за севкупна употреба. Грчката телевизија Antena пренесува дека следните чекори на планот за решение ќе бидат потпишување на меѓународен договор.
„Меѓу сценаријата што кружат е и тоа за потпишување и ратификација во двата парламенти на еден меѓународен договор, во кој не е исклучено Европската унија да влезе како гарант, за да се гарантира дека ќе се запази рокот, но и чекорите кои Скопје ќе биде обврзано да ги направи за да се вклучи ерга омнес, односно дека новото име ќе биде едно за севкупна употреба“, објави телевизијата.
Доколку има следна средба, тоа ќе биде средба за договор и ќе се одржи во Преспа, пренесува грчката телевизија SKAI.
„Два различни владини изворa ни потенцираа две работи: Прво, ако има следна средба, тоа ќе биде средба за договор и ќе се одржи во Преспа и второ разговорите во Скопје се насочени кон тоа како Зоран Заев би можело да обезбеди мнозинство“, објави SKAI.
Република Илинденска Македонија ја прокоментира и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа за Радио Слободна Европа во петокот рече дека предлогот „иако е новина, е прифатлив за Бугарија“.
„Илинденска Македонија мене ми звучи дека тие препознаваат оти имаме заедничка историја и заедничко минато, бидејќи ова е многу важен дел од бугарската историја и многу важен моментум за нивната историја“, рече Захариева.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во саботата треба за текот на преговорите да го извести и грчкиот претседател Павлопулос. Вчерашната средба Заев-Ципрас беше втората тет-а-тет средба на двајцата лидери по повеќе од пет месеци, а се очекува двајцата премиери да се сретнат повторно во наредните седмици.