За Тасева стечајот во „Фени“ е незаконски, Синдикатот обвинува дека штити погрешни интереси

„Транспаренси интернешнел Македонија“ ги повикува сите институции  во државата, вклучително и Судскиот совет, Финансиската полиција, Јавното  обвинителство да преземат мерки во рамки на своите надлежности за да се испитаат сите незаконитости за стечајот во „Фени Индустри АД Кавадарци“.

Во меѓувреме синдикатот на „Фени“ побара Слаѓана Тасева, претседателката на „Транспаренси Интернешенел Македонија“ да се откаже од застапување на интересите на „Кунико Ресурсис“, на што таа на денешната прес-конференција искоментира дека организацијата работи на доброто на вработените и на државата и дека информациите приложени во писмото немаат врска со спорниот стечај во „Фени“, а тие само постапуваат по претставка и тоа не значи дека застапуваат интереси на „Кунико  Ресурсис“.

Тасева го повика стечајниот судија Валентина Ѓеоргиевска да постапи според Законот за стечај и да го отфрли планот за реорганизација на стечајниот должник Фени индустри АД Кавадарци како ненавремен укажувајќи на суштински повреди, кој што не е потпишан и одобрен ниту од директорката на УЈП Сања Лукаревска.

Според Тасева, врз основа на целата истрага на „Транспаренси Интернешнал Македонија“, стечајниот судија морал да донесе решение за отфрлање на планот како ненавремен и постапката да ја продолжи согласно законот, рече Тасева.

Очекувам, ако вака остане состојбата, дека Фени нема да трае подолго од септември или декември оваа година. Тие вработени ќе останат на улица. Овој гигант ќе биде прогласен за нерентабилен и Република Македонија ќе го изгуби Фени, рече Тасева.

Според неа На 31-ви јануари GSOL и стечајниот управник склучиле договор за преработка на никелова руда. Од договорот произлегува дека предмет на закуп не се само технолошки капацитети, туку и работници. Ова е неверојатно што тие се третираат како предмети што можат да бидат дадени под залог врз кој закупецот има право на целосна контрола, надзор и управување. Сето тоа на основ на договор за закуп, што е апсолутно незаконски и за што до сега никој не реагирал .

На 10 мај „Глобал Спешал Опортјунитис ЛТД“, која ги презела побарувањата од довер, до Основниот суд Велес, го поднела планот за реорганизација, односно 72 дена по одржувањето на извештајното собрание, или 12 дена по истекување на рокот. Со тоа, вели Тасева, е сторена  формална повреда на закон за стечај. Како силен аргумент дека треба да се отфрли планот, Тасева наведе дека на одборот на доверители директорката на УЈП, како доверител, гласала против. Според невладината тоа укажува дека во планот има причини за да се гласа против, бидејќи во случајот со УЈП станува збор за намир на побарувањата од државата. Во овој случај постои привилегиран суксесор, доверител. GSOL го има „Фени“  под наем. Со планот се предвидува цела група на доверители да не биде надоместена. Ќе останат без ништо. Иако таа група е со најниско ниво на побарувања сепак треба да имаат правна заштита која ја гарантира законот за стечај – рече Тасева.

Прашана за посочувањата од вицепремиерот Кочо Анѓушев повеќе да работат на тоа како дошло до оваа стечајна постапка, Тасева рече дека постапувањето на тоа што било претходно е работа на институциите што ги контролираат оние кои денеска се на власт.

Нека работат институциите да видат што било вчера. Нашата работа е да ја следиме работата на оваа влада. Тоа никогаш не и се допаѓало на ниту една влада, ама тоа е нашата работа и ќе продолжиме да го правиме. Наше е и денеска да не се краде, рече Тасева.

Според синдикатот на „Фени“ пак „Кунико Ресурсис“ е виновсник за лошата состојба во компанијата која довела до покренување на стечајната постапка. Тие и забележуваат на Тасева дека покрај другото се обидела да биде и правен застапник на фирма која е вклучена во постапката за стечај, па затоа е спорна истрагата на „Транспаренси Интернешенал Македонија“.