
Со свој став по објавата на медиумите околу новиот предлог за решение на спорот за името, се јави и претседателот на партијата ПАСОК и поранешен министер за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос.
Според неговите зборови, искажани пред пратениците на грчкиот парламент, предлогот бил „епитом на иридентизмот“, отфрлајќи го како опција за преговори, пренесува грчкиот весник „Екатимерини“.
Дека името Република Илинденска Македонија во себе имало иридентистички ставови оцени и лидерот на грчката опозиција, Кирјакос Мицотакис, откако за новиот предлог бил телефонски известен од грчкиот премиер, Алексис Ципрас.
Иредентизам е термин кој се однесува на националистичко движење и идеологии кои се заложуваат за менување на државните граници со цел етничките малцинства кои живеат во други држави да подпаднат под власт на државата каде што тој етникум е мнозинство.
Називот доаѓа од изразот Italia Irredenta кој во втората половина на деветнаесетиот век го користеле италијанските националисти за да ги опишат подрачјата со значајно италијанско малцинство кои после обединувањето на Италија останале надвор од подрачјето на владеење на италијанската држава.
Со оглед на тоа дека во Европа, посебно во нејзините источни делови, границите никогаш не биле и не можеле да бидат повлечени во склад со етничкиот состав на населението (кој исто така се менувал во склад со развитокот на економските, политичките и географските трендови), речиси секоја национална држава од дваесетиот век на еден или друг начин има свое сопствено иредентистичко движење или пак била погодена од иредентистички движења на соседните држави.