
Во последниот натпревар од последното 38-мо коло на италијанското фудбалско првенство Интер во Рим во директната пресметка за пласман во Лигата на шампионите го совлада Лацио со 3:2 освојувајќи го четвртото место на првенствената табела.
Како и што се очекуваше, на „Олимпико“ се одигра жесток дуел во кој Лацио двапати беше во водство со 1:0 и 2:1, но Интер во последните десет минути успеа да направи пресврт и да забележи победа со којашто успеа да ги прескокне „бјанкочелестите“ и да ја заземе последната позиција која води во Лигата на шампионите. Првите три места и пред последното коло беа резервирани за Јувентус, Наполи и Рома.
Лацио пред средбата имаше три бода повеќе но Интер беше подобар во меѓусебниот однос и му беше потребна каква било победа. Лацио поведе во 9 минута со автоголот на Иван Перишиќ од кого топлата се одби и заврши зад грбот на Самир Хандановиќ. Интер израмни во 29 минута преку Данило Д’Амброзио по изведен корнер кога најдобро се снајде во гужвата. Во 41 минута Лацио повторно го презема водството по одличната акција којашто ја круниса Фелипе Андерсон. Интер израмни во 78 минута кога Мауро Икарди реализираше пенал, а минута подоцна Лацио остана со играч помалку откако Сенад Лулиќ го собори Марсело Брозовиќ. Целосниот пресврт и солзите на „Олимпико“ дојдоа во 82 минута, кога Матијас Весино по изведен корнер со глава ги постави конечните 3:2 за гостите од Милано.
Истовремено Рома со автоголот Џанлука Пеголо славеше на гостувањето кај Сасуоло во дуелот кој немаше никаква важност. Римската волчица пред последното коло со пет бодови предност беше недостижна на третата позиција за Лацио, додека Сасуоло сезоната ја заврши на 11-то место со 43 бодови.
Претходно во неделата фудбалерите на Удинезе изборија опстанок во елитната италијанска фудбалска лига откако во средбата од последното 38-мо коло ја совладаа Болоња со 1:0. На Удинезе за опстанок му беше доволен и бод, но со голот на Секо Фофан во 30 минута екипата од Удине оствари победа, втора во низа откако претходно не забележаа победа 14 кола.
Во последното коло беше решена и последната непозната кој тим од идната сезона ќе се пресели во Серија Б. Тоа е Кротоне кој во последното коло загуби на гостувањето кај вицешампионот Наполи со 1:2. Головите за домашните ги постигнаа Аркадиуш Милик во 23 и Хозе Каљехон во 32 минута, додека голот за гостите кои по две сезони во Серија А се преселуваат во втората лига, го постигна Марко Туминело во последните моменти од средбата.
Милан ја победи Фиорентина со 5:1, освојувајќи го шестото место коешто води во Европската лига. Гостите поведоа со погодокот на Џовани Симеоне во 20 минута, но Милна возврати со канонада, а стрелци беа Хакан во Чаланоглу во 23, Патрик Кутроне во 41 и 59, Никола Калиниќ во 49 и Џакомо Бонавентура во 76 минута.
Капитенот на македонската селекција Горан Пандев беше стрелец во 80 минута за Џенова, но само да го ублажи домашниот пораз од Торино за кој стрелци беа Фалке во 30 и Басели во 58 минута. Џенова е 12-та со 41 бод, а Торино сезоната ја заврши на 9-то место со 54 бодови.
Каљари со голот на Капители во 87 минута ја победи Аталанта, откако претходното коло го осигури опстанокот. Сезоната ја заврши на 16-то место со 39 бодови, четири повеќе од зоната која водеше во понизок ранг, додека на Аталанта остана на седмата позиција со 60 бодови, четири помалку од Милан, а за пласман во Европската лига ѝ беше потребна гостинска победа и домашен пораз на „росонерите“.
Киево со 1:0, стрелец беше Инглесе во 50 минута, го победи одамна отпишаниот Беневенто. Киево заврши на 13-то место со 40 бодови, а Беневенто со 21 бод целото првенство го мина на дното.
СПАЛ заврши на 17-та позиција на табелата со 38 бодови, три повеќе од 16-от Кротоне, откако во неделата ја совлада Самдпроија со 3:1 која е на средина на табелата со 54 бодови. Стрелци беа Атенучи од пенал во 5 минута, погоди и во 53-та а за домашните гол постигна и Граси во 50 минута, додека во 66 минута гостите постигнаа почесен погодок преки Ковнацки.
Јувентус во саботата ја победи Верона со 2:1 потврдувајќи ја новата титула.