Хокеарите на Шведска по пенали ја одбранија светската титула

Хокеарите на Шведска ја одбранија титулата светски шампион, откако во финалето на годинашниот Светски куп од елитната група во Копенхаген ја победија Швајцарија со 4:3 (1:1, 1:1, 0:0, 2:1) по изведување на пенали.
Швеѓаните  втора година по ред стигнуваат до златото откако во финалето лани  беа поуспешни од Канаѓаните.

Швајцарија  два пати водеше, но Шведска два пати возвраќаше, а во последната третина мрежите мируваа на двете страни. Двата тима не постигнаа гол ниту во дополнителните 20 минути од продолжението, по што се изведуваа пенали.

Швајцарија и тука имаше предност, откако нивниот прв изведувач Свен Андригето беше прецизен, но ниту еден од останатите четворица негови соиграчи не беа прецизни. Од друга страна, по промашениот прв пенал, шведските ѕвезди Оливер Екман- Ларсон и Филип Форсберг беа прецизни во третата и четвртата серија па на  Шведска и ја обезбедија 11 шампионска титула.

Шведска по втор пат во историјата успеа да ја одбрани титулата, откако го освои златото во 1991 и 1992 година.

За Швајцарија ова беше трето финалето и трет пораз. Првиот се случи во 1935 година од Канада, а вториот  пред пет години исто така од Шведска, но  убедлив со 5: 1.

Хокеарите на САД го освоија бронзениот медал, откако ја победи Канада со 4:1 (0:0, 1:1, 3:0).