
Данската министерка за имиграција и интеграција, Ингер Стојберг, ги повика муслиманите кои живеат во Данска за време на рамазанските пости да го земат годишниот одмор за да се избегнат штетните последици за останатите граѓани.
Ги повикувам сите муслимани да го земат годишниот одмор за време на рамазанските пости за да се избегнат штетните последици за останатите граѓани, изјави Стојберг за таблоидот БТ.
Стојберг рече дека стравува дека постот би можел да ја загрози безбедноста и продуктивноста на граѓаните, а како пример ги наведе возачите на автобуси кои не јадат и не пијат повеќе од 10 часа дневно.
Tоа може да биде опасно за целото општество, рече данската министерка.
Министерката Стојберг во минатото беше на мета на критики поради воведување строги имиграциони закони во 2016 година со кои полицијата доби овластувања да го запленува имотот на бегалците.
По тој повод таа на социјалната мрежа Фејсбук објави фотографија со торта во знак на славење.