
Партијата ВМРО-ДПМНЕ побара од Владата веднаш да се укине покачувањето на акцизата на дизелот, бидејќи цените на горивата галопираат, а граѓаните ја плаќаат сметката, изјави Влатко Ѓорчев.
Инфлацијата тропа на врата, гледаме дека секој ден се зголемуваат цените на бензините и на дизелот, а од друга страна имаме ситуација во која што се зголеми акцизата од 3,5 денари од страна на оваа влада на Зоран Заев и Драган Тевдовски и таа трае веќе со месеци. Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ веднаш, неодложно бара од владата и од СДСМ да се укине акцизата со зголемување на цената на дизелот и неговите деривати која што ја наметна Владата. Цената која што ја плаќаат граѓаните, економијата, автобуските превозници, камионскиот транспорт, но консеквентно и сите останати кои што се погодени со оваа инфлација која што и се случува на Македонија е секојдневна, изјави Ѓорчев.
Според него, трошоците за економијата се огромни и се работи за повеќе од 40 милиони евра на годишно ниво.
Доаѓаме до еден фрапантен заклучок, а тоа е дека откако Зоран Заев е премиер цената на дизелот во Македонија се зголеми од 46 на 65 денари. Тоа е зголемување од повеќе од 40 отстона цената на дизелот во времето на владата на Зоран Заев. Бројките се страшни, се влошуваат и од тие причини треба да имаме одговорни економски политики кои што ќе ја ублажат болката која што ја чувствува и стопанството и граѓаните и сите оние претпријатија чија што фундаментална дејност е директно поврзана со транспортот, пласманот, дизелот и сето она што им е потребно за работа, изјави Ѓочев.