Макрон: Одлуката на САД за царините е незаконска и погрешна

Одлуката на САД за воведување на царини за увоз на челик и алуминиум од ЕУ е незаконска и погрешна и може да ја „затвори вратата“ за други разговори, оцени денеска францускиот претседател Емануел Макрон.

„Оваа одлука не само што е противзаконска, туку е и погрешна од многу аспекти“, рече Макрон.

Според францускиот претседател, со ваквите постапки САД покажуваат дека на глобалните дисбаланси реагираат со „економски и трговски национализам“.

„ Секој економски национализам води до војна“, изјави Макрон, најавувајќи дека за прашањето за царините вечерва телефонски ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот секретар за трговија Вилбур Рос во четвртокот соопшти дека од 1-ви јуни стапува на сила одлуката за воведување на најавените царини за увозот на алуминиум и челик од Европската Унија, Канада и Мексико кои од март до денеска беа изземени.

Трамп претходно воведе мораторим на одлуката за стапувањето во сила на царините за увоз од ЕУ, Канада и Мексико, кој не е проодлжен. Во иднина, извозот на челик и од овие три земји сојузнички на САД ќе се царини со 25 отсто, а извозот на алуминиум со 10 отсто.