На Македонија и треба економија, а не двојазичност

Јас сум горд и со голема чест стојам овде пред вас понизно барајќи да ни се придружите. Не како што Зоран Заев нудејќи решенија за името и капитулација викна – Следете ме. Не така. Туку, да ми се придружите затоа што јас сум еден од вас, и сите ние сме тоа што во ова време и е потребно на нашата држава, истакна на денешниот антивладин собир, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој на присутните им порача да веруваат во себе и ќе се успее.

-Почнуваме со работно лето, ќе го посетиме секој дом, секоја педа на нашата Македонија. Со што е можно повеќе луѓе ќе разговараме за проблемите кои ве тиштат, но и за тоа што ние утре ќе треба да направиме кога ќе ја формираме новата влада во Република Македонија. Ќе бидеме покрај вас, со вас, со сите граѓани без разлика на верска, етничка, партиска или друга определба. Сите граѓани се засегнати. Многу и од гласачите на СДСМ се чувствуваат измамени, но и Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и останатите немаат подобар живот и подобро секојдневие. Мораме да покажеме сериозност и одговорност, широчина и посветеност, кадровски и програмски потенцијал, за сите да видат во нас реална алтернатива која со сигурност ќе донесе подобро и која ќе ги победи пороците на досегашната политичка елита во државата, нагласи Мицкоски.

Тој посочи дека само така Македонија ќе победи, а клучот е во нас самите. И во никој друг.

-На Македонија и треба економија, а не двојазичност. На Македонија и треба напредок и просперитет, а не подигнување на вештачки ѕидови и поделби. На Албанците исто како и на Македонците, им треба нови работни места, а не противуставни закони за јазици. Како поминува првата година дали некој од вас смета дека може да биде подобро втората? Дека од овие луѓе на власт може да направаѕ повеќе? Одговорот е јасен не и немаат капацитет тоа да го сторат, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него поминала година на изневерени очекувања и лажни ветувања.

-Година во која народот се соочува со вистината дека ветуваа се и сешто, а не исполнија ништо. Ниту земјоделците ги имаат субвенциите, ниту докторите повисоки плати, ниту пак пензионерите повисоки пензии. Здравството ни е руинирано, болниците пропаѓаат, луѓето чекаат по ходници,  цената за сето тоа ја плаќаат со најскапото нешто, со своите животи, потенцира Мицкоски.

Рече дека образованието е во слободен пад, универзитетите се на крајот на листата за квалитет во светски рамки, и оти студентите и младите се разочарани.

-Младите си заминуваат пред нашите очи, тоа значи дека Македонија се распрснува ширум белиот свет. Замира животот во македонските градови и села. А тоа е така затоа што граѓаните ја изгубија вербата. Владата ги разочара младите. Ја уништува таа полетна енергија на животот, потенцира Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ ветуваше 5 отсто раст, но во минатата 2017. растот бил нула.

-Градежништвото тоне, се гради 45 отсто помалку. Се фалат со повеќе пари во буџетот, а не кажуваат дека парите се оние собрани од арачот на народот, вашите пари од зголемената акциза за нафтата и дизел горивата. Имаме ситуација во која министерот за внатрешни работи апси само кога има политички мотивирани случаи, а има нула акции за криминалци. Патриотите во затвор, криминалците на слобода. Ова е за жал реалноста во нашата држава, потенцира Мицкоски.

Вели дека овие бројки не се само обични бројки, туку оти станува збор за реални луѓе и семејства.

-Токму овие бројки се луѓе, реални луѓе и семејства, како и реален стандард или како што Зоран Заев лажеше, живот. Зоран Заев заборави една работа, дека животот нема реприза. И нема втора шанса за времето кое изминува и годините кои се губат. Го гледам како онака поднасмеан со лажната скромност што ја глуми, раскажува како подобро се живеело и како почнало се да се подобрува. Па уште гласно вика, не шупоти, дека донел, замислете, 16 нови инвестиции во Македонија, рече Мицкоски.