Порака до Јанкуловска од ГАК: На работа сум докторка, не сум нечија пријателка

До ГАК досега не е стигнато барање од судот по кое гинеколозите би утврдувале во кој месец од бременоста е Гордана Јанкулоска, поранешната министерка за внатрешни работи и колку е ризична бременоста, потврди Викторија Јовановска, директорка на ГАК.

Јовановска вели дека и да треба да се направи вештачење на ГАК, тоа ќе го прави конзилиум од лекари, а не лично таа. Со тоа одговори на обвинувањата од поранешната министерка која негодува што би била испратена на државна гинекологија, каде што директорка е „блиска пријателка на семејството на Зоран Заев“.

Јанкуловска се пожали дека судијката Кацарска, во време кога таа била во болница поради ризична бременост, одобрила вештачење со кое ќе се докаже тоа. Тоа е на барање на СЈО, а Јанкулоска реагира зошто е упатена на Клиниката за гинекологија.

Извесно е дека судијата очигледно го антиципира исходот од ваквото вештачење, со оглед на информацијата што беше објавена во јавноста дека истото ќе биде доверено на ГАК со која раководи д-р Викторија Јовановска (за која медиумите пишуваа дека е во блиски пријателски врски со семејството на Зоран Заев), па во период од само еден месец (од 13 јуни до 14 јули) закажани се 8 термини за рочишта за овој предмет. Ваквото постапување на судијата и на СЈО го покажува вистинското лице на бескрупулозен извршител на политички нарачки, напиша Јанкулоска.

Таа е во деветтиот месец од бременоста. Матичниот гинеколог ѝ е во амбулантата во МВР, а медицинската документација е потврдена и од лекари од една приватна болница во Скопје.