
„Убаво место е, овде чист воздух, ама таму преку патот има ѓубре, градоначалничката треба да го исчисти тоа“, рече Садула Дураку. „Не само градоначалничката и централната власт треба нешто да направи“, посочи градоначалникот на Битола, Наташа Петровска, пренесува ТВ21.
Вака денеска министерот за животна средина ја поздрави градоначалничката Наташа Петровска и амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар кои беа во посета на Пелистер.
Дел од обиколницата над Битола е претворена во депонија. Тела на мртви животни, стар мебел, комунален смет, парчиња стакло, ѓубре, е сликата на коловозот кој поминува низ населбата Петочна вода. Оваа слика конечно по долги години успеа да ја види и политичар доаѓајќи во Битола.
Секако ние се надеваме заедно со градоначалничката на Битола проблемот кој денес го воочивме додека доаѓавме во Битола многу скоро ќе го решиме заедно со нашите пријатели, вели Дураку.
На прашање на ТВ 21, какви мерки презема општина Битола во врска со депонијата на регионалниот пат Прилеп-Битола-Ресен-Охрид, првиот човек на општината вели дека проблемот ќе биде решен и сега е во рацете на централната власт.
Ценам дека локалната самоуправа целосно својата задача си ја има завршено и убедена сум дека овој проблем горлив, долги години наназад во Битола конечно ќе биде решен, истакна Петровска.
Од јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека немаат обврска да го расчитуваат сметот, туку само да дигаат ѓубре од специјализирани садови. Но сепак, Општината во неколку наврати досега го расчистуваше ѓубрето на дивата депонија, но таа повторно се создава.
Инаку, преку програмата, финансирана од ЕУ, ќе бидат доделени осум големи грантови за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, секој во висина од 200.000 до 400.000 евра.
Низ процес на подобрување на нивните капацитети се избрани: националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, потоа Дојранско Езеро, Преспанско Езеро и Езерани, а во Скопје Матка, Водно и Сарај. Грантови добија Јасен, Општина Струга, Охрид и Дебрца.