Министерот Бектеши ги кани екологистите на средба

Министерот за економија Крешник Бектеши ги кани на средба екологистите и невладините организации за да ги убедува дека сечата на шума на планината Водно, економски ќе биде исплатлива. Бектеши се надева дека градежните работи на Водно нема да се стопираат, а воедно и еко-здруженијата ќе добијат точни информации од Владата за влијанието врз животната средина.

Јас сум убеден дека гасоводната мрежа за Македонија е повеќе од потребна имајќи во предвид дека немаме многу алтернативи што се однесува до снабдувањето со енергија. Но, истовремено јас ги почитувам сите невладини организации затоа ние како Влада сме многу транспарентни и ги повикуваме да седнеме заедно на некоја тркалезна маса да кажеме кои се бенефитите и влијанијата врз животната средина, изјави Kрешник Бектеши, Министер за економија

А, само пред неколку дена и вицепремиерот Анѓушев напомена дека е неизбежно да се исече малку шума кога се вршат инфрастриктурни зафати. Со новиот Закон за енергетика на општините им се нуди можност да формираат компании за дистрибуција на гас до крајните потрошувачи. Од меѓународните финансиски институции веќе стигнала потврда дека ќе го поддржат овој проект со 50 милиони евра.

Тој гасовод кој го имавме досега овие дваесетина години има номинален капацитет од 800 милиони метри кубни. Ние зборуваме за дополнителни 3 милијарди. Тоа е 4 пати повеќе од постоечкиот од кој да потенцирам, ние го користиме многу малку, вели Митко Андреевски, советник на премиерот.

Против магистралниот гасовод кој треба да поминува на Водно и да однесе природен гас кон Тетово и Гостивар, се дигнаа голем број еколошки здуженија и невладини организација. Тие стравуваат дека на Водно ќе му се случи еколошка катастрофа. Овој градежен зафат на планината над Скопје е во должина од 11 километри.