Од срцев удар почина познатиот косовски голгетер Фадиљ Вокри

Поранешниот југословенски репрезентативец и претседател на Фудбалскиот сојуз на Косово, Феадиљ Вокри, починал во саботата од последици на доживеан срцев удар,

Белградската новинска агенција Танјуг, повикувајќи се на приштинскиот дневен весник Koha Ditore, објави дека веста за смртта на 57-годишниот Фадиљ Вокри ја потврдил и генералниот секретар на косовскиот фудбалски сојуз, Ерол Салиху.

Вокри е роден на 23-ти јуни 1960 година во Подуево и е еден од најдобрите косовски фудбалери во историјата. Професионалната играчка кариера ја започна во Приштина каде играше од 1980 до 1986 година, а потоа од 1986 до 1989 година настапуваше за белградски Партизан, француски Нимс од 1989 до 1990-та и за турски Фенербахче од 1990 ди 1992 година. Играчката кариера ја заврши во 1995 година во француски Монтлукон. За репрезентацијата на поранешна Југославија одигра 12 натпревари на коишто постигна шест голови.

Последните десет години беше претседател на Фудбалскиот сојуз на Косово, а под негово водство Косово стана членка на УЕФА и ФИФА.