
Нема поделби меѓу Премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, велат од МНР за Press24, по информациите кои вчера ги објави грчкиот весник „Та Неа“, дека Димитров „игра соло“ во преговорите.
Не постојат никакви поделби. Премиерот, министерот за надворешни работи и целокупниот состав на Владата на Република Македонија се на иста, единствена линија, цврсто определени и посветени на решавање спорови и јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија. Владата и сите нејзини членови заедно дејствуваат кон исполнување на стратешките приоритети на Република Македонија, членство во НАТО и ЕУ, и низ тој процес обезбедување подобар живот за сите граѓани на нашата земја, велат од МНР
Грчкиот весник во својот текст напиша дека комуникацијата меѓу двете страни продолжува а по надминувањата на наводните несогласувања меѓу Заев и Димитров, среда би можел да биде денот за договор.
И покрај оптимистичките предвидувања за сабота напладне, комуникацијата се одложува на следната недела. Информациите укажуваат на тоа дека во Владата во Скопје постојат поделби со тоа што Никола Димитров продолжува да игра лични игри. Ако се надминат пречките поставени од Димитров и повикот се оствари, средбата меѓу Заев и Ципрас ќе се одржи до Среда, потписите ќе паднат и договорот ќе оди на одобрување во Парламентот за на 25-ти јуни Македонија да добие зелено светло од ЕУ”, стои во написот на „Та Неа”.