Форум за намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност

Делегацијата на германското стопанство во Македонија, денес беше домаќин на форумот: Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност, кој се одржа на Машинскиот факултет во Скопје и на кој учествуваа заменик- претседателот на Владата на РМ, Анѓушев, заменик министерот за животна средина, Макрадули, градоначалникот на град Скопје, Шилегов, претставници од бизнис заедницата, професори од Машинскиот факултет и активисти во здруженија за заштита на животната средина.

Патрик Мартeнс, директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија го отвори настанот и посочи дека организацијата на еден ваков форум е од особено значење за сите жители на Република Македонија, јас живеам веќе една година во Македонија и уживам во природните убавини на оваа земја, но штом дојде зимскиот период, земјата, а особено град Скопје како главен град, во кој сообраќајот е најгуст се претвора во сивило каде што најголемиот луксуз е чистиот воздух.

Еден од најголемите загадувачи во градот се токму автомобилите, кои делумно се многу стари и поголем дел од нив во западна Европа имаат забрана за користење.

Заменик- претседателот на Владата на РМ, Анѓушев кој воедно е одговорен и за ресорот екологија во своето излагање информираше за идните проекти на Владата за намалување на загаденоста. Владата има предвидено 16 милиони Евра за електромобилност, од кои 10 милиони се предвидени за поддршка на купувачите кои своите стари автомобили ќе ги заменат со нови електрични возила. 5 милиони се предвидени за возила од јавен транспорт. Заменик министерот за животна средина, Макрадули, говореше за предложените мерки пред Владата за намалување на загаденоста. Обнова на возниот парк со нови е-автомобили, е- такси, да не се плаќа данок за хибридни возила, субвенции за е-возила, бесплатни патарини за е- возила, на главниот автопат на секоја бензинска пумпа да има и полнач за е-возило.

Градоначалникот на град Скопје, Шилегов инфомираше дека до крај на 2018 ќе има 30 станици за полнење на е- возила иако засега во Македонија има вкупно 80 електрично возила, но сите знаеме дека тоа е иднината и дека здравјето треба да е пред се!

Прокредит Банка која беше дел од овој настан досега има доделено кредити во висина од 70.000 Евра за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и проекти за заштита на животна средина.