Шпанија ќе го прифати бродот со 600 мигранти, одбиен од Италија и Малта

Шпанија ќе го прифати бродот со 629 мигранти и бегалци, на кој Италија не му обезбеди пристап. Тоа соопштија шпанските изданија, цитирајќи го кабинетот на премиерот Педро Санчез. Валенсија е пристаништето, кое ќе го прифати бродот по упатствата дадени од Санчез, за ​​да може Шпанија „да ги исполни меѓународните обврски при хуманитарни кризи“, гласи соопштението на владата.

Ќе се потрудиме да биде Валенсија местото, ако нема други можности, вели градоначалникот на Валенсија, Хуан Рибо, цитиран од весникот „Ла вангуардија“. Тој има предвид 3-годишниот Ајлан Курди, чие давење во Средоземното Море во 2015 година стана еден од симболите на миграциската криза поради фотографија дистрибуирана од светските медиуми.

Италијанските власти побараа хуманитарниот брод „Aquarius“ да биде прифатен од Малта, но и таа одби слично сценарио, а новиот министер за внатрешни работи Матео Салвини рече дека од денеска Италија „исто така ќе започне да вели „Не“ на трговијата со луѓе и бизниси со илегална миграција“. Според Салвини „спасувањето на животи во морето е обврска, но не и трансформирање на Италија во огромен бегалски камп“.

Аргументите на Малта ги изрази премиерот Џозеф Мускат. На Твитер тој напиша дека властите во неговата земја се „загрижени од упатствата на италијанските власти, дадени на „Aquarius“, бидејќи тие не само што до „прекршуваат меѓународното право“, но и „создаваат опасна ситуација за сите инволвирани во случајот“.

Меѓу мигрантите на бродот има 123 малолетници без придружба, 11 други деца и 7 бремени жени. Повеќето од спасените се од земјите на југ од Сахара и се спасени (многу од нив – од италијанските поморски сили) во 6 различни операции крај брегот на Либија. Со часови „Aquarius“, брод на добротворната организација „SOS Mediterranee“, чекаше во меѓународните води меѓу Италија и Малта.

Европската унија и Обединетите нации денеска ги повикаа Италија и Малта да го прифатат бродот, истакна Ројтерс. Портпаролот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН рече дека луѓето на бродот „брзо имаат потреба од помош“, а „пошироки прашања како чија одговорност е и како овие одговорности можат да се распределуваат меѓу земјите, ќе се разгледува подоцна“.

По законот е тешко за Италија да даде аргументи за одбивањето да го прифати „Aquarius“, бидејќи токму крајбрежната нејзина стража учествува во спасувањето на стотици од мигрантите, качени на бродот.

Во текот на последните 5 години, повеќе од 600.000 луѓе влегле во Италија од Африка преку Медитеранот, но тие драматично опаднаа во последниве неколку месеци. Минатата година италијанските предлози за европски одговор на кризата предизвикаа тензии со соседните земји.