
Црвеното вино „Барово 2015“ на винарската визба „Тиквеш“ освои платинест медал на меѓународен вински натпревар Декантер.
Според пропозициите на Декантер, платинест медал се доделува само на вина – добитници на златни медали, кои освојуваат повеќе од 95 поени и кои повторно се оценуваат во посебна сесија. Стручното жири на Декантер, составено од 250 вински експерти, на црвеното вино „Барово“ од бербата во 2015-та му додели 97 поени, со што ова премиум македонско вино е издвоено од сите останати годинешни добитници на највисоки награди.
Дарел Џозеф, вински критичар, автор и член на жирито на натпреварот, платинестиот медал за „Барово“, смета дека претставува вистинска препорака која значително ќе ја зголеми препознатливоста и реномето на квалитетните македонски вина во светски рамки.
Освојувањето платинест медал во конкуренција на близу 17.000 вина од целиот свет е огромен успех кој покажува дека се работи за вино со исклучителен квалитет. Многу е мал процентот на вина што добиваат ваква награда, особено поради тоа што очекувањата на членовите на жирито се екстремно високи и многу строги, вели Џозеф.
Црвеното вино „Барово“ е комбинација на сортите вранец и кратошија. Се произведува од строго контролирани лозови насади лоцирани во истоимената ретко населена област во подножјето на планината Кожуф.