Тачи, Харадинај и Рама презадоволни од договорот за името

Oд одлуката на Заев да потпише  договор со кој се менува името на Република Македонија во република Северна Македонија, презадоволни се соседите на Македонија, косовските претседател и премиер, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, како премиерот на Албанија, Еди Рама.

–Им честитам на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев и нивните граѓани, напиша Тачи на Твитер.

Тој порача дека обновената можност за влез на Македонија во ЕУ и НАТО му помага и на Косово и на целиот Западен Балкан.

Харадинај на Твитер решавањето на прашањето за името го оцени како „одлична вест“.

–Им честитам на Заев и Ципрас на визијата и истрајноста. Се надевам дека сите преостанати отворени прашања на Балканот ќе бидат решени со ист конструктивен пристап, рече косовскиот премиер.

Своето воодушевување на Твитер по повод договорот на Македонија и Грција го искажа и албанскиот премиер, кој изрази почит за Зоран Заев и Алексис Ципрас.

–Два прогресивни лидери на соседните земји денеска влегоа во историјата и им порачаа на Европската унија и на целиот свет дека имаат визија и волја да ги надминат минатите пречки и да најдат простор за поглед кон иднината. Изразување на почит за Зоран Заев и Алексис Ципрас. Балканот денес е побезбедно место, пишува Рама на Твитер.