Јапонците се надеваат на изненадување против Колумбија

Селекторот на Колумбија, Хозе Пекерман ги реши малите дилеми во врска со составот за денешниот натпревар против Јапонија, со која се отвора групата „Х“ на Мундијалот во Русија. Пакерман одлучи да настапи со двајца напаѓачи, а еден од нив ќе биде Луис Муриел, фудбалер на „Севиља“. Пакерман на минатото Светско првенство во Бразил го изостави Муриел од тимот како прекуброен.

Многу сум среќен што започнува првенството, навистина уживам во Русија и со нетрпение очекувам да играм со Јапонија. Би било идеално да го надминеме четвртфиналето што го постигнавме во Бразил, сите се надеваме на тоа и убедени сме дека имаме играчи за тоа, рече Муриел.

И Јапонците исто така, се надеваат на успех на отворањето. Тоа го потврдува и Такаши Инуи, играч на „Еибар“, кој на 30 годишна возраст за прв пат се појавува на светско првенство.

Иако целиот свет мисли дека Јапонија нема шанси против Колумбија, се надеваме дека ќе изненадиме, рече Инуи.

Колумбија ќе настапи во следниов состав: Оспина, Ариас, Д. Санчез, Мина, Мојика, Родригез, Агиљар, Куардадо, Муриел, Џ. Родригез и Фалкао, а за Јапонците ќе играат Кавашима, Г. Сакаи, Јошида, Макино, Нагатомо, Харагучи, Хасебе, Шибасаки, Хонда, Инуи и Осако.

Натпреварот почнува во 14 часот. Во вториот натпревар од групата од 17 часот играат Полска-Сенегал.