Пентагон задолжен за сместување на 20.000 имигрантски деца, денеска ќе се гласа за законот за доселување

Американското министерство за здравство (HHS) побарало од министерството за одбрана во своите воени бази да подготви сместување за 20.000 деца на имигранти кои влегле на американска територија без придружба на возрасни, изјавил за AFP американски функционер, а Републиканската партија го одложи за во петок клучното гласање за реформи на доселеничкиот закон

„Од министерството за одбрана е побарано да му помогне на министерството за здравство кое побара 20.000 кревети“, изјавил за AFP функционер кој барал да остане анонимен. Тие кревети се наменети за деца без придружба на возрасни лица, додал.

Во својот извршен указ кој го потпиша во средата за семејствата на имигрантите повеќе да не бидат раздвојувани, претседателот Доналд Трамп му нареди на министерството за одбрана, доколку биде потребно, да ги стави на располагање сите објекти коишто може да се искористат за сместување на имигрантите, па и да се изградат нови.

Министерството за здравство веќе неколку седмици размислувало некои од многубројните воени бази на југот од САД да ги намени за сместување на малолетните имигранти, коишто самите доаѓаат на американска територија каде што наводно им се семејствата. Избрани се четири бази, три во сојузната држава Тексас и една во Арканзас.

Истовремено републиканците објавија дека за во петок е одложено клучното гласање во Претставничкиот дом за реформа на доселеничкиот закон, со што би се прекинало спорното раздвојување на семејствата на илегалните имигранти. Републиканците имаат мнозинство во Конгресот, но се поделени по прашањето на имиграцијата.

Во четвртокот Републиканската партија предаде два текста. Првиот законски предлог, кој го претставува најтврдите ставови во партијата, беше отфрлен со 193 гласови „за“ наспроти 231 „против“. Гласањето за вториот нацрт-закон со кој се прави обид да се помират тврдото и умереното крило на републиканците, е одложено за петок, објавија службите во Пратеничкиот дом.

Во средиштето на скандалот кој избувна кога беше откриено раздвојувањето на повеќе до 2.300 деца од нивните родители коишто во САД влегле без лични исправи, двата закона би требало да ја забранат таквата практика. Судбината на стотиците деца без документи одвоени од родителите и натаму беше нејасна, дена откако претседателот Трамп попушти на притисоците од критиките и го потпиша извршниот указ дека одвојувањето на децата од родителите нема повеќе да се спроведува. Меѓутоа, според американскиот закон, имиграциските служби не смеат да ги држат децата во миграциски притвор подолго од 20 дена.