Додик го обвини Лондон за дестабилизација Република Српска

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, ја обвини во саботата Велика Британија дека се обидува да ја дестабилизира Босна и Херцеговина, и дека за таа цел испратила експерти во Бања Лука.

„Се работи за експерти кои дејствуваат на социјалните мрежи, во медиумите, кои прислушкуваат, и чија цел е да создадат општ хаос и дестабилизација, пред сѐ, во Република Српска“, обвини Додик.

Според претседателот на српскиот ентитет на БиХ, станува збор за дел од проект на британската влада за кој се издвоени девет милиони фунти, под изговор да се сузбие руското влијание на Балканот.

„Граѓаните мора да бидат свесни дека не може да сметаат на добронамерноста на Британците, и дека ова се прави со цел да се создаде унитарна и централизирана Босна и Херцеговина“, додаде Додик.