Јапонски блогер убиен по конференција за кавгите на интернет

Јапонски блогер познат по прекарот Хагекс го убил во неделата корисник на интернет со кој имал онлајн кавга, откако одржал конферениција за расправиите на интернет и за тоа како тие да се надминат.

Убиството на Кеничиро Окамото, вреботен во компанија во Токио, стручњак за информатичка безбедност кој неколкупати настапувал на телевизиите, било планирано, објави полицијата.

Четириесет и едногодишниот Окамото во неделата, како што пишува на неговиот блог, одржал конференција во Фукока за „кавгите на интернет“ сакајќи „ да ги сподели своите искуства коишто ги стекнал во различните контакти на интернет и за тоа како да се решат“.

Пронајден бил во тоалет со повеќе убодни рани од нож, пишуваат јапонските медиуми повикувајќи се на полициски извори. Неговиот убиец е уапсен и го признал злосторството, објави јавниот сервис телевизиската мрежа NHK, а чинот го оправдал со тоа што го „мразел“ блогерот.

Интерентот во Јапонија, како што истакнуваат тамошните медиуми, е место на многу кавги и вознемирувања за коишто се одговорни лица кои често го сокриваат својот вистински идентитет.