Тачи: Симболот на орелот не убива луѓе

Косовскиот претседател Хашим Тачи се обиде да го одбрани како емотивен гест, а не политички став, симболот со кој два швајцарски фудбалери ги прославија головите на натпреварот со Србија на Светскиот куп во Русија.

Тој симбол не е симбол кој убивал луѓе. Тоа не е симбол на напад врз никого. Тоа е симбол на птица. Затоа, нека Швајцарија лета кон успехот“, им кажа Тачи на новинарите во Брисел вчера, еден ден по средбата со претседателот на Србија Александар Вучиќ, пренесува Политико.

Косовскиот претседател кажа и дека ФИФА не би требало да носи одлуки врз основа на политички притисок.

Европското издание на американскиот медиум наведува дека тензиите на релација Белград-Приштина се засилија во петокот на Светското првенство во фудбал, кога фудбалерите на швајцарската репрезентација Гранит Џака и Џердан Шаќири ги поставија рацете во облик на двоглав орел по победата над репрезентацијата на Србија.

Политико истакнува дека двоглавиот орел е симбол на албанскиот идентитет и дека српските претставници тој гест го сфатиле како политичка провокација.

ФИФА вчера, поради покажувањето на албанскиот национален симбол со рацете, им упати предупредување и парично ги казни со по 10.000 швајцарски франци двата играчи на швајцарската фудбалска репрезентација, со објаснување дека се казнети за неспортско однесување.