
Цементарница УСЈЕ е современа компанија во чија основа е одржливиот развој и грижата за животната средина. Во изминативе 20 години инвестирани се над 80 милиони евра токму во проекти за модернизација на технолошкиот процес, на производните практики и на целокупното функционирање на УСЈЕ и за поддршка на заедницата.
Ова е еден од заклучоците од средбата на менаџментот на Цементарницата со претставници на Град Скопје и со невладини и граѓански здруженија, во рамки на Отворените денови во УСЈЕ, во чиј фокус беше грижата за животната средина.
Ние сме горди што дел од нашите интерни критериуми и процедури се построги од пропишаните норми и стандарди. Добар показател за тоа се мерењата на емисиите од производствениот процес кои покажуваат дека тие се континуирано пониски, а некои и неколкукратно, од законски дозволените. Тоа е резултат на современата техологија која ја применуваме, но и на високата компаниска култура, во која грижата за животната средина е дефинирана како врвен приоритет и предуслов за успех на деловен план, вели Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ.
Во рамки на заложбите за заштита на животната средина и одржливиот развој, Цементарница УСЈЕ реализира голем број проекти оптимизирање на технолошките процеси, а се преземаат и активности за намалување на отпадот и искористување на алтернативни материјали и горива. Истовремено, во сегментот на заштита на животната средина компанијата се залага за одговорно однесување на сите свои вработени, а ги поттикнува и своите соработници и партнери во бизнисот да применуваат слични практики.
Проблемот со загадувањето на воздухот во нашиот град ни наметнува фокусирање на реалните загадувачи, чие решавање бара системски и широкоопштествени програми и активности. Паралелно со тоа, треба да ги посочуваме и добрите практики, особено од индустријата. Тие може да послужат како пример за другите компании и погони кои работат во Скопје и околината. За здрава животна средина потребни се заеднички напори на сите чинители – на институциите, компаниите, невладиниот сектор и на секој од нас, како граѓанин, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Благодарение на обемните вложувања во заштитата на животната средина, како и сериозните прилагодувања, па и комплетната реорганизација на одредени сегменти, Цементраница УСЈЕ во 2011 година ја доби А – интегрираната еколошка дозвола од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, повеќе од една деценија компанијата континуирано и јавно ги објавува податоците од 24-часовните мерења на емисиите во воздухот, што е единствена ваква практика во земјата. Овие податоци се генерираат независно и автоматски, а се доставуваат и до надлежните институции.
Цементарница УСЈЕ во 2008 година, меѓу првите во Македонија, му пристапи на Глобалниот договор на Обединетите нации, чија мисија е усогласување на принципите на бизнис заедницата со оние на ОН, меѓу кои заштитата на човековите права, правото на слободно здружување, одговорноста кон животната средина и развој и ширење на еколошки здрави технологии. Компанијата редовно учествува во проекти на озеленување на урбаните средини, во глобалната иницијатива „Час на планетата земја“, а ја спроведува и акцијата „Секоја среда на работа без автомобил“, која се спроведува во рамки на компанијата.