Дачиќ: Решението за Косово не може да биде признавање на независноста

Доколку сакаме трајно решение за Косово и Метохија, тоа не може да се заснова врз тоа Србија да ја признае независноста, а може да се забележи дека Приштина нема воља за постигнување компромис, изјави денес српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Дачиќ смета дека сѐ уште е далеку конечното решение и распишувањето референдум во Србија, и дека мора да се бараат решенија.

По средбата во Брисел на српската и приштинската делегација со Федерика Могерини, сите се согласни дека околу прашањето на Косово постојат можности за конечно решение, кажа Дачиќ и додаде дека е констатирано дека и едната и другата страна би требало да направат дополнителни напори за да се дојде до решение.

Дачиќ истакна и дека на средбата е постигната согласност околу тоа дека преговорите треба да се интензивираат, и дека треба проблемите да се решаваат во мир.

„Имаше тензии, најголемата опасност беше при инцидентот со Марко Ѓуриќ. Тој е сега заедно со нас на состаноците, а сетете се како се однесуваа кон него. Со тоа сакаа да покажат дека тие се главни“, кажа шефот на српската дипломатија.

Тој оцени дека опасните моменти и заканите по мирот се предизвикани со приштинското инсистирање Белград да ја признае независноста на Косово.

„Таа закана зборува за тоа дека тие не сакаат компромис, туку дека сакаат Белград да ја признае независноста на Косово или тие со воена акција ќе го заземат северот на Косово“, истакна Дачиќ.

Дачиќ истакна дека албанските политичари во Приштина треба да сфатат дека е сменета реалноста, и дека новата реалност подразбира променета меѓународна позиција, како и тренд, бидејќи сега има многу повеќе повлекувања на признавањата на независноста, отколку нови признавања.

„Американската администрација повеќе не е спремна да поддржи по секоја цена она што тие го сакаат, сменета е и ЕУ. Ситуацијата за нив ќе биде многу потешка“, смета српскиот министер.