
Германскиот селектор Јоаким Лев ќе остане на селекторската функција и во случај на неуспех на Светското првенство, изјави денеска претседателот на Германската фудбалска асоцијација (DFB) Рајнхард Гриндел.
Пласманот на Германија во следната рунда на Мундијалот се уште не е обезбеден, па дали светските прваци ќе ја одбранат титулата ќе зависи од натпреварите Германија-Јужна Кореја и Мексико-Шведска.
Пред Светското првенство решивме да го продолжиме договорот со Јоаким Лев до 2022 година, бидејќи мислиме дека никој не може подобро да ја води реконструкција на тимот која ќе биде потребна по шампионатот, без разлика што ќе се случува, објаснува Гриндел.
Според првиот човек на германскиот фудбал, Лев пред една година со освојување на Купот на Конфедерациите докажал дека е способен да состави импресивен тим од млади играчи.
Овие причини се уште стојат, дури и ако нашата репрезентација биде елиминирана уште во првиот круг или во следната рунда во Русија, додаде Гриндел.
Лев, кој од 2004 година му беше помошник тренер на својот претходник, Јирген Клинсман , стана селектор по Светското првенство во 2006 година, а за 12 години го одведе германскиот национален тим најмалку до полуфиналето на сите натпреварувања, а во Бразил во 2014 година ја освои светската титула.