
Сè уште не е пронајден заеднички јазик помеѓу власта и опозицијата за усвојување на измените во Законот за медиуми, односно за аудио и аудиовизуелни услуги. Опозицијата преку расправа и амандмани го блокира законот додека претседателката на собраниската Комисија за транспорт и врски, Лилјана Затуровска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, не го става законот ниту како точка на дневниот ред. Реагираа и од ЗНМ.
Директорката на Центарот за демократија и промени во Балканот, Звездана Ковач оцени дека професионалното ниво на Државната телевизија е многу ниско и побара од актуелната влада да преземе итни мерки.
Знам дека сте нова влада и имате важни работи, но мора да преземете нешто бидејќи имам можност ја следам програмата на МТВ и тоа што го видов е непрофесионално. Не зборуваме за тоа кој ќе раководи со МТВ бидејќи никој не смее да ја присвојува јавната телевизија и да држи страна при информирањето, но кога ќе ставите стручни лица таму?, праша Звездана Ковач- директорка на ЦДПБ.
Според министерот Роберт Поповски, сите пропусти во МТВ се регулирани со планираните измени во Законот за медиуми.
Опозицијата неодамна соопшти дека не ги кочи законските промени во оваа сфера. Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека членовите на Советот на МТВ и на Агенцијата за медиуми треба да останат исти. За Законот за медиуми во Комисијата за транспорт и врски се поднесени 73 амандмани, од кои 12 од парламентарното мнозинство. До сега, за шест седници во матичната комисија е расправано за 7 амандмани на ВМРО, но ниту еден од нив не беше прифатен.