
Денеска започнува нокаут-рундата на Светското првенство. Оваа фаза започнува со два исклучително интересни дуели помеѓу евроските и јужноамериканските гиганти. Аргентина се среќава со Франција, додека Португалија игра против Уругвај.
Овие два дуели се интересни и по нешто друго. Можна четвртфинална пресметка на Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Ако Аргентина и Португалија минат понатаму ќе се судрат во четвртфиналето. Репрезентативен дуел на Роналдо и Меси на Светско првенство сигурно е сон на секој фудбалски навивач.
Аргентина – Франција (16 часот, Казањ)
Аргентина прво треба да ја докаже својата вредност против полетната млада француска репрезентација. Дидие Дешамп всушност го има најскапиот тим во светот, но и покрај тоа што групната фаза ја мина со две победи против Австралија и Перу и едно пријателско реми со Данска, сè уште го чекаме најдоброто од Франција.
„Гаучосите“ се провлекоа низ групната фаза со победата над Нигерија во последното коло од 2-1 благодарение на голот на Маркос Рохо. Сите очи повторно се верени кон Лионел Меси и дали ѕвездата на Барселона може на свој грб да го носи цел тим до крајот на првенството. Нема да биде прв пат репрезентација која се мачела во групната фаза да стигне до самата завршница, па Аргентина се надева дека ќе проработи токму пред најголемиот предизвик.
Франција е подготвена да одговори на предизвикот и исто така на овој Мундијал дојде со големи амбиции. По поразот во финалето на Европското првенство пред две години, „галските петли“ се подготвени да го сопрат Меси и да бркаат нова светска слава како генерацијата од 1998 година предводена токму од сегашниот селектор Дидие Дешамп, тогаш како капитен на репрезентацијата.
Овие две репрезентации досега два пати играле на Мундијалите и два пати славела Аргентина. Првиот пат во 1930 година, „гаучосите“ победиле со 1-0, а вториот пат во 1978 година на „Монументал“ во Буенос Аирес кога тогашниот домаќин на СП победил со 2-1.
Португалија – Уругвај (20 часот, Сочи)
Кристијано Роналдо од една страна и Луис Суарез и Единсон Каван од другата, сигурно е препорака за интересен фудбалски натпревар. Европскиот шампион воопшто не импресионираше во групната фаза, но затоа пак импресивен беше Кристијано Роналдо. Ѕвездата на Реал Мадрид речиси сам ја однесе својата земја во нокаут-рундата со три гола против Шпанија во ремито 3-3, а со неговиот единствен гол го совлада и Мароко. Против Иран, Португалија имаше малку среќа, но остана запаметен фантастичниот гол на Рикардо Кварезма.
Селекторот Фернандо Сантош ги предупреди своите фудбалери дека мораат да се разбудат и дека Роналдо не може сам. Искусниот стратег е во право, бидејќи освен Роналдо ниту еден друг играч на Портуалија не одигра на задоволително ниво. За да се сруши гранитната одбрана на Уругвај предводена од Диего Годин, ќе треба добра игра и од Гонсало Гедеш, Бернардо Силва, Жоао Марио, Андре Силва, Рикардо Кварезма и другите.
Уругвај во групата А финишираше со максимални 9 бода и без примен гол. Ги победи Египет и Саудиска Арабија со неимпресивна игра со по 1-0, но затоа лесно го преслуша домаќинот Русија со 3-0. И Уругвајците ќе треба да ја подобрат играта, особено во нападот, но затоа пак имаат неверојатно цврста одбрана, која ќе биде ставена на испит токму против Кристијано Роналдо.
Интересно е тоа што ова ќе биде нивни прв меѓусебен дуел во историјата.