Сонот за светска круна во ист ден заврши за Меси и за Роналдо

Во еден ден двајцата најдобри фудбалери на планетата во овој момент со своите селекции забележаа елиминација на Светското првенство во Русија, откако по Аргентина на Лионел Меси, куферите ги спакува и Португалија на Кристијано Роналдо.

Попладнево Аргентина во еден супер-атрактивен натпревар беше поразена од Франција со 4-3, додека вечерва во Сочи, Португалија беше тотално надиграна од Уругвај и на крај поразена со 2-1. Овие неуспеси на европскиот шампион и на сè уште актуелниот светски вицешампион, значеше и завршување на сонот на најголемите фудбалски ѕвезди на планетата Лионел Меси (32) и Кристијано Роналдо (33) за светска круна, кои во ист ден ги спакуваат куферите за дома.

За разлика од Меси, кој не само што не блесна на овој Мундијал и постигна само еден гол, Роналдо беше вистински лидер на својата селекција во групната фаза, но не успеа да го покаже својот раскошен талент и на вечерашниот меч со Уругвај. Интересен податок е тоа што и двајцата во групата промашија удар од 11 метри (Меси против Нигерија, а Роналдо против Иран), а исто така двајцата и во нивниот четврти мундијалски настап не успеаја да ја затресат противничката мрежа во еден натпревар од нокаут-фазата.