За странци во Охрид паркингот гратис во сабота?

Ова се таблите кои надлежните во Охрид ги поставија по најавата за воведување електронска наплата за паркирање. Наплатата од понеделник ќе се врши преку СМС систем и тоа преку телефонскиот кориснички број 144-644. Граѓаните се збунети дали се работи за грешка во преводот или пак навистина за странци во сабота паркирањето ќе биде бесплатнo.

Паркирањето ќе се наплатува секој ден од 7.30 до 3 часот. Корисниците на паркинзите упатство за начинот на уплата преку СМС ќе можат да видат на инфо таблите на сите улици каде што ќе се применува овој систем на наплата.

Паркирањето во Охрид, посебно во летниот период, е еден од најгорливите проблеми на градот. Во летните месеци низ охридските улици се движат преку 10 илјади возила од гости, кои на ривиерата доаѓаат со сопствен превоз и уште толку на охриѓани.

Локалната самоуправа прави напори да се дестимулираат охриѓани да ги паркираат своите возила во центарот на градот за да има повеќе слободен паркинг простор за гостите. Тоа го прави со определување на повисоки цени за паркинг во центарот и преку забрана за сообраќај во некои улици во централниот дел.