
Претседателот Ѓорге Иванов постапи правилно и државнички, патриотски и она што некој друг не успеа да го заштити, претседателот успеа да го заштити, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во „Топ Тема“ на Телма Телевизија.
„Претседателот Иванов е последниот браник на заштита на Уставот на Република Македонија. Се заколнал пред истиот, бил избран од 538.000 граѓани дека ќе го штити Уставот на Република Македонија. Претседателот Иванов постапи онака како што треба секој родољуб кој што си ја сака државата и кој што се грижи за државните и националните интереси“, истакна Мицкоски.
Потенцираше дека претседателот Иванов кога го врати Законот за Соговорот со Грција во Собранието даде сериозни и аргументирани забелешки зошто го враќа и не го потпишува.
На прашањето дека професорот Шкариќ пишувал дека претседателот Иванов ќе постапел против Уставот ако не го потпише договорот, Мицкоски посочи дека кога веќе тој професор коментира дали постапките на Иванов се уставни или не, тогаш би сакал да слушне како ќе ги коментира кршењето на Уставот, законите и процедурите во Собранието на Република Македонија.
На прашањето „дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го подржи референдумот за договорот со Грција“, Мицкоски одговори:
„Доколку би бил на квиз и доколку барате од мене одговор со “да“ или со “не“ или ми понудите неколку солуции, тогаш би морал да одберам некоја. Но навистина, јас сум сериозен човек и моите политики како човек, но и оние политики кои што би ги сугерирал пред партиските тела сакам да се темелат врз основа на факти и аргументи, не би коментирал хипотетички можни политики“.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека партијата ќе дејствува во најдобар интерес на Македонија.