Настаните во Собранието се политички монтиран случај, Села треба да поддржи закон за амнестија

Имаме нееднаков аршин во изнесувањето на судските пресуди, денеска имавме таков пример имаме луѓе коишто се осудени на вкупно 81 година затвор, а во Охрид се случи убиство каде што човекот којшто го направил тоа е осуден на пет години затвор, во емисијата „Топ Тема“ на Телма  истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на прашањето во врска со настаните од 27-ми април во текот на нелегитимниот избор на претседателот на Собранието и насилствата во кои настрада челникот на Алијансата за Албанците, Зиајдин Села, за што претходно во четвртокот беа изречени пресуди, Мицкоски рече:

„Да не зборувам за сиве овие не разоткриени случаи на убиства по скопските улици, за сите оние тероризирања, обиди за убиства коишто се случуваат, пресметки со ножеви и така натаму, а сите тие се квалификувани како насилство, е сега овој случај се темели на тоа дека имаме пресуда која што е еднакво на 81 година затвор. Во оваа прилика ја информирам македонската јавност како претседател на ВМРО-ДПМНЕ пред партиските органи ќе предложам и ќе побарам поддршка од страна на Извршниот комитет да изработиме амнестија за овие луѓе бидејќи очигледна е политичката пресметка, а не докажувањето на кривичното дело и доколку добијам поддршка откако ќе се изработи овој закон и истиот ќе биде доставен до Собранието ќе побарам поддршка од страна на Зијадин Села да го поддржи истиот закон“, рече Мицкоски.

Уште еднаш додаде дека станува збор за политичка пресметка и притисок врз ВМРО-ДПМНЕ и врз семејствата на тие луѓе.

„Имаме случаи како Монструм каде имаме брутална егзекуција и имаме докази, спорот е воден пет години, урната е пресудата, рочиштата се вратени на почеток и се одвиваат еднаш месечно, а од друга страна имаме судски спор од 27 април кој што рочиштата ги закажува надлежната судијка на дневна основа, ден за ден и притоа соседите ми кажуваат дека неколкумина се грижат за безбедноста на истата и јас не гледам доколку сум чист и сум слободен граѓанин и тоа што го работам е согласно законите и Уставот зошто е потребно некој да се грижи за мојата безбедност,  потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Говореќи натаму за состојбите во судството, Мицкоски запраша, по која случајност токму „омилената судијка“ на власта суди сега за 27-ми април. Притоа потсети на изјавите од луѓето кои поднесоа оставки од Комисијата за реформи во судството дека не прифаќат да фингираат реформи.

Нивните укажувања биле дека ако се зафатат да го реформираат судството тогаш треба да се прават суштински реформи, а она што тие сега го прават е далеку од тоа.

„Такво нешто вие го премолчувате, настанува драмска тишина и тогаш се појавува јунакот и вика јас ќе застанам на чело на тоа тело и ќего реформирам. И резултатот на тоа е извештајот на ГРЕКО каде што викаат не само што не го реформиравте него и го уназадивте. Како токму преку АКМИС системот омилената судијка на оваа власт го добива случајот за 27-ми април, по која формула, по која случајност“, рече Мицкоски.