
Нови педесетина работници на фабриката „Еурокомпозит” денеска пристигнаа од Прилеп и сите заедно најавуваат радикализирање на нивниот штрајк. Тие најавија дека денеска од 11 до 12 часот ќе го блокираат сообраќајот пред Владата.
Од синдикатот на вработените во „Еурокомпозит“ велат дека тие не прифаќаат веќе само времени решенија, едно такво им било понудено пред два дена од Владата за заем од 6 милиони денари од ЕЛЕМ и МЕПСО. Работниците велат дека бараат решение, а не само празни ветувања.
Од Владата велат дека се свесни за тешката состојба во претпријатието, дека при крај е анализата за состојбата во „Еурокомпозит“ и дека веќе има заинтересиран купувач, а дел од вработените ќе одат технолошки вишок.
Работниците остануваат во шаторите пред Влада за да ги потсетат владините службеници на „ветувањата од пред два месеца за исплата на 18 заостанати плати и придонеси за 6 години“.