Скотланд јард сѐ уште не знае како уште двајца Британци се затруле со „новичок“

Скотланд јард сѐ уште не знае како маж и жена во Ејмсбери биле затруени со нервниот агенс за кој британските власти тврдат дека е произведуван во поранешниот Советски сојуз и кој е втор ваков случај во последните четири месеци, изјави во средата ноќта Нил Басу, шефот на единицата за контраразузнавање на британската полиција.

Тој претходно потврди дека Британците на околу 40-годишна возраст во Ејмсбери пред четири биле отруени со истата супстанција како и поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

Главниот полициски службеник за борба против тероризмот изјави дека тестовите во британската одбранбена лабораторија го потврдиле она за што „многумина стравувале“ – дека маж и жена на 40-годишна возраст биле отруени со ист отров, кој речиси го уби поранешниот руски воен разузнавач и неговата ќерка.

„Морам да кажам дека не сме во позиција да кажеме дали истата супстанција е од истата група од која се отруени Скрипал. Се разбира, веројатноста дека двете истраги може да бидат поврзани, е насоката во која се движи нашата истрага. Важно е, сепак, дека истрагата се води само врз основа на достапните докази и факти, а не на нашите претпоставки“, изјави Басу за новинарите.

Тој, исто така, рече дека не може да даде претпоставки за тоа дали жртвите на некој начин биле поврзани со Скрипал, дали труењето било обид за убиство или, пак, случајност.

Одговарајќи на новинарско прашање колкава е веројатноста овие Британци да биле намерно отруени, Басу рече „Ова е теорија, но во моментов тоа е шпекулација. Не поседуваме никакви разузнавачки податоци или докази коишто укажуваат на тоа дека тие биле нечија цел. Ништо во нивните биографии не укажува на тоа“.

Истакна дека главната задача на истрагата е да ги утврди околностите на труењето на мажот и жената во Ејмсбери, место коешто се наоѓа на петнаесетина километри од Солсбери каде што беа затруени таткото и ќерката Скрипал.

„Блокиравме повеќе места во Ејмсбери и Салсбери, за коишто веруваме дека двете лица ги посетиле пред да почувствуваат слабост“, изјави Басу.

Ејмсбери се наоѓа недалеку од Салсбери каде што на 4-ти март беа отруени Скрипал. Лондон тврди дека труењето со нервниот агенс А234 коешто британските служби го именуваа како „новичок“, било со учество на руските власти, што предизвика нови тензии меѓу Западот и Русија и меѓусебни протерувања на стотици дипломати. Москва категорично ги одбива ваквите обвинувања и бара докази и учество и на нејзини експерти бидејќи Јулија Скрипал е руска државјанка. Со истрагата за труењето на Скрипал и натаму раководи антитерористичкиот оддел на Скотланд Јард.