
Спасувачките екипи се обидуваат што побрзо да ги извлечат дванаесетте деца и нивниот тренер, кои се загубија и останаа заробени во комплекс пештери и канали во Тајланд. Тие беа пронајдени во понеделникот во поплавената пештера, а на видеоснимките може да се забележи дека се во добра здравствена состојба и добро расположение. Сепак, допрва претстои најтешката битка – тие безбедно да бидат извлечени на површината, за што можеби ќе бидат потребни и повеќе месеци. Од друга страна, дождовната сезона само што почна и во секој момент може драматично да се зголеми нивото на водата
Мораме да ги спасиме децата. Мораме да се надеваме. Нивото на водата постојано расте, бидејќи врне дожд. Мислам дека во наредните 24 часа ќе знаеме дали ќе преживеат. Сите мораме да се молиме и да се надеваме на најдоброто. Ова е предупредувањето на британскиот истражувач и експерт за пештери Верн Ансворт, кој ги советува учесниците на меѓународната спасувачка операција во Тајланд. Екипите се во интензивна трка со времето за извлекување на дванаесетте деца фудбалери и нивниот тренер, кои се загубија и останаа заглавени во комплекс од пештери и канали во Тајланд. Тие беа пронајдени во понеделникот, по девет дена во поплавената пештера.
На новите видеоснимки од спасувачите може да се забележи дека се во добра здравствена состојба и добро расположение. Покрај тоа, до нив се доставени и храна и лекови, а со несреќната фудбалска екипа постојано се и медицински лица и спасувачи специјалци од Тајланд и од странство.
Сепак, допрва претстои најтешката битка – тие безбедно да бидат извлечени на површината, за што можеби ќе бидат потребни и повеќе месеци, бидејќи ќе треба да научат да нуркаат или да почекаат водата да се повлече, пренесуваат светските медиуми.
Тајландските власти објавија нова снимка од загубените деца и тренерот, кои на 23 јуни исчезнаа по влегувањето во пештерата Там Луанг. Одвреме-навреме насмевнувајќи се, тие едно по едно се претставија пред камерата на спасувачите.
Исто така, може да се забележи дека се завиткани во ќебиња од фолија, за да се затоплат. На други две снимки е прикажано како воен лекар санира помали повреди и гребнатинки кај дел од децата. Според Би-би-си, момчињата се на возраст помеѓу 11 и 16 години, додека, пак, тренерот има 25 години. Најмалку двајца воени нуркачи ќе останат понатаму со групата под земја.
Спасувачите се обидуваат да смислат најдобар начин како безбедно да ја извлечат групата на површина, а тајландските претставници истакнуваат дека не планираат да ризикуваат со безбедноста на децата. Водата и понатаму се вади со пумпи од комплексот пештери, а екипите на теренот порачаа дека се доста сигурни дека успеале да запрат понатамошен дотек на вода во пештерската комора каде што се наоѓа групата. Спасувачките тимови исто така се обидуваат да инсталираат телефонска линија за да може заглавените лица да контактираат со своите семејства. Надвор од пештерата, медицинските екипи организираат вежби и проби, доколку групата наскоро биде извлечена на површината.
Младите момчиња и тренерот најверојатно влегле во пештерата во северната тајландска провинција Чианг Раи, кога таа била сува, а ненадејните поројни дождови го блокирале излезот, потопувајќи ги каналите. Властите сметаат дека првично можеле да се движат низ сувите делови на пештерата, но надојдените води ги заглавиле тесните премини со кал и ѓубре, блокирајќи ги видливоста и пристапот.
Тие конечно беа пронајдени од двајца британски нуркачи спасувачи доцна вечерта во понеделникот, дури девет дена откако влегоа во пештерата. Групата била скриена на повисока карпа, на околу четири километри од влезот на комплексот.
Откако тајландската јавност и семејствата на загубените малку здивнаа по откривањето на групата и веста дека тие се неповредени, допрва ќе следува најтешката битка – децата и нивниот тренер да бидат извлечени. Пештерскиот комплекс Там Луанг редовно се поплавува во текот на дождовната сезона, која трае до септември или октомври. Дополнителни поројни дождови можат значително да го кренат нивото на водата и да го загрозат воздушниот џеб каде што се засолни групата. Нивното спасување може да потрае и повеќе месеци, бидејќи една од опциите е тие да бидат обучени за нуркање и заедно со спасувачите да излезат на површината, додека, пак, според другиот план, ќе се почека повлекување на водата по завршувањето на дождовната сезона. Експертите предупредуваат дека водењето неискусни нуркачи низ опасните коридори со каллива вода и со речиси нула видливост, би било многу ризично. Опасноста е уште поголема бидејќи ниту едно од заробените момчиња не знае да плива. Некои од маршрутите вклучуваат и преминување и буквално стискање низ тесните подводни премини. На одредени делови толку се тесни и не може да се носат на грб боци со кислород, а излезите не се видливи, затоа многу лесно може децата да испаничат. Други спасувачки тимови сѐ уште се качуваат на планината, со надеж дека ќе најдат друг пат за влез и излез од пештерскиот комплекс, наведува „Дејли мејл“.