„Англиски пациент“ ја освои наградата „Златен Букер“

Романот „Англиски пациент“ на канадскиот автор Мајкл Ондатје, ја освои наградата „Златен Букер“, со што беше прогласена за најдобра книга што ја добила Букеровата награда во изминатите 50 години. Читателите од целиот свет ја одбраа книгата на Ондатје во специјалното натпреварување по повод половина век од доделувањето на една од најпрестижните награди во светот на литературата, со цел да се види која книга најмногу го издржала тестот на времето. При тоа од секоја декада бил издвоен по еден досегашен победник.

„Англискиот пациент“ беше во конкуренција на „Волчја аула“ од Хилари Мантел, „Месечев тигар“ од Пенелопе Ливли, „Линколн во Бардо“ од Џорџ Сондерс и „Во слободна држава“ од Видијадар Сураџпрасад Најпол. Жирито ги избра како победници во секоја од петте декади. Ондатје го освои Букер во 1992 година.

Претходно Букер организираше гласања за најдобри книги добитници на наградата по повод 25 и 40 годишнината од постоењето на наградата, a двете ги освои Салмон Ружди за романот „Деца на полноќта“ од 1981 година.

Почестен сум и многу изненаден што ја примам оваа специјална награда. Ни за секунда не поверував дека ова е најдобрата книга на листата, особено бидејќи е во конкуренција со делото на Најпол, еден од мајсторите на нашето време, или со големо дело како „Волчја аула“. Се сомневам и знам повеќе од другите дека веројатно „Англискиот пациент“ сè уште е маглива, со грешки во динамиката“, рекол Ондатје, кој од 1992 година не ја прочитал повторно „Англиски пациент“.

Според оваа книга беше снимен и успешен истоимен филм, кој освои девет оскари во 1997 година, од кои и за најдобар филм.