Обвинителството уште прибира докази за претепувањето на Саздовски

Истрагата за смртта на Никола Саздовски се уште трае, но нема нови детали во насока дали би можело да има преквалификација на делото за која во мометов се товарат тројцата осомничени за насилство.

Во предметот за кој покажувате интерес интензивно се преземаат истражни дејствија кои опфаќаат сослушување очевидци на настанот и други лица, како и прибирање материјални докази кои ќе помогнат за расветлување на случајот. Во тек на вчерашниот ден пристигна извештајот од наредената обдукција на починатото лице и претстои негово разгледување. По прибирањето и анализата на сите докази ќе може да биде донесена јавнообвинителска одлука и во однос на кривичната одговорност на лицата и во однос на правната квалификација на кривичното дело, велат од ОЈО.

Саздовски, кој беше крвнички претепан на 29 јуни почина вчера во Клиничкиот центар. Тој пред две недели беше крвнички претепан од тројца припадници на навивачка група од друга етничка заедница бидејќи бил член на навивачката група „Комити“. Крвавиот напад се случил на 29.06.2018 година околу 17.40 часот на автобуската станица на булевар Александар Македонски кога тројцата напаѓачи излегле од автомобил „мерцедес“ и физички го нападнале Саздовски. Тие со возилото избегале, а момчето со возило на Итна медицинска помош било пренесено во Комплекс клиники “Мајка Тереза”.

Како што вчера рекоа од обвинитлеството, според извештајот од обдукцијата, смртта кај Саздовски настанала поради повреди на мозокот, но за јавноста не е познато како настанале повредите на главата, дали од удари со тап предмет, или, пак, од пад при тепањето.

Од МВР, пак, вчера рекоа дека е распишана централна потерница по Љ.Д.(19), кој е во бегство.