Приведен градоначалникот на Ново Село поради шверц на цигари вреден 60.000 евра

Градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев синоќа е приведен од полицијата.

Приведувањето го потврдија од СВР Струмица со соопштение.

Во него се наведува дека синоќа во близина на село Бадилен, од страна на полициски службеници, се запрени две моторни возила натоварени со картонски кутии со цигари.

Во едното возило имало 29 кутии со по 50 штеки и една кутија со 49 штеки цигари, а било управувано од страна на Б.С. (54), со сопатник Ј.С. од село Ново Коњарево. Во другото возило управувано од Г.С. (24) со совозач С.В (26)  од село Ново Коњарево, биле натоварени 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии.

При преземање на потребните мерки и дејствија лишено од слобода е и лицето М.Т (52) од с.Самоилово, кој управувал моторцикл „Hamachi“  без регистарски  таблици, инфрмираат од СВР Струмица.

При обид за бегство на второто возило, од страна на полициски службеници биле испукани два предупредувачки куршуми, се додава во соопштението.

На местото на настанот е извршен увид од страна на СВР Струмица во присуство на Јавен обвинител.

Лицата се лишени од слобода и се задржани во полицијата, а пронајдените кутии со цигари се одземени.

Основното јавно обвинителство Струмица поведе постапка против пет лица за сторено кривично дело Криумчарење од чл.278 ст. 2 во врска со ст. 1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

Лицата се осомничени дека на 10.07.2018 година се обиделе да пренесат непријавена стока – цигари преку див премин на македонско-бугарската граница. Од страна на овластени полициски службеници биле откриени и сопрени на два километри од граничниот камен, при што во двете возилата со кои се превезувале им биле пронајдени 66 картонски кутии со околу 3.300 штеки цигари, во вредност од 3.245.589 денари.
Станува збор за криумчарење поголемо количество непријавена стока, за кое кривично дело согласно Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години. Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Струмица предложи определување мерка притвор за четири лица, додека за едно, од здравствени причини, се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во суд, велат од ОЈО.