„Фени индустри“ излегува од стечај

Судијката Валентина Ѓорѓиевска ја потврди одлуката што ја донесе Собранието на Доверители на 4ти јули и со која е прифатен планот за реорганизација на ФЕНИ Индустри. Планот како позитивен и перспективен беше изгласан и прифатен со 96 постотно мнозинство од доверителите.

Прифаќањето на планот значи конечно излегување на ФЕНИ Индустри од стечајот и завршување на деветмесечната неизвесност за опстојување на комбинатот. Планот, којшто е поднесен од ГСОЛ/ ЕуроНикел предвидува нова, светла иднина за комбинатот, поткрепена од крупни инвестициски потфати. Реорганизацијата со инвестициските планови ќе донесе зголемување на производните капацитети, нови вработувања, рестартирање на втората производна линија, пазарна експанзија и зголемување на извозните можности. Реализирање на планот за реорганизација на ФЕНИ има позитивни импликации за целиот кавадаречки регион, но и за македонската економија. Покрај редовните плати на повеќе од 800 вработени и тековно зголемување на нивниот број, ФЕНИ соработува со приближно 200 компании од Кавадарци и околината, а базата на добавувачи на ФЕНИ вклучува над 1000 домашни компании, чие успешно опстојување е директно поврзано со работењето на ФЕНИ.

 

ФЕНИ отиде во стечај со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори чии побарувања останаа неплатени. Како заинтересиран инвеститор ГСОЛ ги исплати сите доверители и ги откупи долговите на ФЕНИ, и на таков начин стана најголем доверител на кавадаречката компанија, а по одлуката на собранието на доверители и на стечајниот судија и сопственик на ФЕНИ Индустри АД.